речник контакт

Зошто имавме така променлива пролет и лето?

Какво влијание имаше екстремно студената зима во САД и Канада

Петар Печков

Врнежлива пролет и нестабилно лето со обилни дождови-временски прилики на какви што граѓаните на ова поднебје не се навикнати. Изминативе месеци, Македонија беше зафатена од променливо време несвојствено за пролетниот и летниот период. Силни бури во неколку наврати го зафатија скопскиот реон.

Но, Македонија не е единствената која ги почувствува овие сезонски промени на временските услови. БиХ, Србија, и Бугарија беа соочени со масивни поплави. Во Хрватска, над островите во северен Јадран и Задар, беснееја силни морски бури со поплави и појава на торнадо.

Многумина почнаа да се прашуваат на што се должи ваквата промена на времето. -Во последниот период се’ почесто сме сведоци на едни поинакви временски и климатски прилики, за кои навистина ни треба извесно време да се адаптираме и да ги прилагодиме нашите различни животни навики и потреби кон нив. Воопшто не е лесно да се објаснат причините за временските состојби бидејќи се работи за многу комплексно прашање, за чие целосно објаснување се неопходни и анализи, истражувања, статистичка евиденција и други научни сознанија, вели др. Владо Спиридонов, насловен вонреден професор по метеорологија на ПМФ

Тој заедно со реномираниот професор Млаѓен Ќуриќ од Физичкиот факултет од Белград, преку научна студија се обидоа да дадат одговор за некои од причините и факторите кои влијаеа за ваквата манифестација на времето во регионот во оваа сезона.

Главни фактори

Општата атмосферска циркулација, екстремно студениот бран измината зима во САД и Канада, сезонско враќање на западните ветрови-иницирање на т.н. Европски монсун, т.е. карактеристичен модел на атмосферска циркулација над Атлантикот и Европскиот континент, се главните причини за променливиот карактер на времето и неповолните временски влијанија во нашиот регион, велат професорите.

Какво ќе биде времето и климата над одредена област, во голема мера зависи од глобалната атмосферска и океанска циркулација и распоредот и влијанието на воздушните маси. Основен двигател на процесите во атмосферата е Сонцето. Поради наклонот на оската на ротација на Земјата во однос на Сонцето, појасот околу екваторот, тропските и суптропските области, преку цела година примаат поголема количина топлина отколку умерените-географски ширини и половите - вели Спиридонов.

Оваа сезона распоредот на воздушните маси беше таков што поголемиот дел од европскиот континент се наоѓаше под влијание на поларната воздушна маса, со континентални временски карактеристики и почести продори на ладен воздух од северните географски ширини, и појава на зачестена циклонска активност и размена на фронтални системи, од кои во голема мера зависеше променливиот карактер на времето во регионот. Дополнително во текот на летните месеци се намали влијанието на суптропскиот појас на висок воздушен притисок кој вообичаено, кај нас во текот на летните месеци носи стабилно, суво и топло време, а понекогаш и многу топло-тропско време, вели Спиридонов.

Екстремно студената зима во САД и Канада

Во април и мај, европскиот континент се загрева многу брзо. Во исто време, површината на северниот дел на Атланскиот Океан се загрева многу побавно. Оттаму температурната разлика помеѓу континентот и Атланскиот океан се зголемува, како и разликата во температурата на воздушните маси над континентот и океанот.

Оваа температурна разлика условува разлика во воздушниот притисок кој во тоа време во просек е поголем над северниот Атлантик отколку над Европа. Поради тоа доаѓа до засилени продори на посвежи и повлажни воздушни маси од Атлантикот на европскиот континент, кои носат освежување и зголемени врнежи. Дополнително, оваа сезона поради влијанието на поларниот центар со екстремно ниски температури во САД, Канада и Северо Атланскиот Океан во текот на зимскиот период, овој температурен контраст оваа сезона беше поизразен. Всушност такви временски карактеристики се манифестираа во текот на пролетта, посебно во мај, кога беа регистрирани серија циклони и катастрофални поплави во регионот на југоисточна Европа, но со несмалена јачина продолжија и во текот на летото, велат професорите.

Климатска варијабилност

Професорите во студијата обајснуваат дека климата се менува во текот на сезоните и годините, наместо ден за ден како што е случај кај времето.

Некои лета, како на пример тековното, се посвежи и поврнежливи од другите. И покрај тоа што луѓето се повеќе ја перцепираат климатската варијабилност, таа не е толку забележлива како временските промени, затоа што се случува сезонски и во текот на годините, велат професорите.

Поради сложените интеракции на многу фактори од кои зависи климата ние не можеме за сега со сигурност да кажеме ниту каква ќе биде во блиска или подалечна иднина. За утврдувањето на овие влијанија неопходни се покомплексни истражувања и податоци за што ќе оставиме простор во друг прилог, вели професорот Спиридонов.

АНКЕТА »

Дали ФК Борец ќе го мине баражот и од есен ќе игра во Втората фудбалска лига?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »